Почитувани верни чеда на Дебарско-кичевската епархија, во прилог Ви ја пренесуваме беседата од Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во Петтата Недела на Воскресението Христово - Неделата на Самарјанката и на празникот на св. мч. Талалеј. 

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Драги браќа и сестри,

Христос Воскресе!

Во денешниот апостол што се прочита на светата Литургија, ги слушнавме следните зборови: И раката Господова беше со нив, та голем број луѓе поверуваа и се обратија кон Господа (Дела. 11, 21). Се поставува прашањето: со кого била раката Господова? Во каква беда се наоѓале тие, па раката, односно закрилата Господова да биде со нив? Кое е тоа мноштво кои поверувале и се обратиле кон Господа? Кога ќе одговориме на овие прашања и ние ќе ја разбереме смислата на денешното апостолско четиво и ќе можеме да ја извлечеме потребната поука.

Тешки денови настанале за ерусалимските христијани по убиството на архиѓаконот Стефан. Еврејските првосвештеници и народни водачи подигнале гонење против Ерусалимската црква, кое по својата жестокост не се разликувало многу од гонењата подигнати подоцна од римските императори. Исплашени од брзината на успехот на христијанството, првосвештениците гледале голема опасност во тоа дека луѓето ќе се откажат од нивната вера и од нивните убедувања. Од друга страна, пак, преку рацете на апостолите постанувале многу чуда и многумина поверувале во Христа. Мнозина од околните градови доаѓале во Ерусалим и ги носеле болните, па дури и оние кои биле измачувани од нечисти духови, и сите биле излекувани. Апостолите биле надарени со толкава сила, што луѓето и по улиците ги изнесувале болните и ги поставувале на постелки и на легла, та кога ќе поминел св. ап. Петар, неговата сенка да ги осени и да се излекуваат.

Христовите следбеници имале едно срце и една душа. Никој ништо од својот имот не го нарекувал свое, туку сѐ им било заедничко. Со еден збор, христијаните биле нова твар во Христа, но не само по вера туку и по живот. Сето тоа ги измачувало првосвештениците, и тие не можеле да се начудат како во името на Исус Христос, Кого тие Го убија, распнаа и во гроб Го положија, стануваат чуда и христијанскиот народ се зголемува, па дури и многу од свештениците поверувале во таа нова вера. Во тој свој гнев решиле со гонење и мачење да го искоренат христијанството од лицето на Земјата. И како што се вели во книгата Дела апостолски, во оние денови, т.е. по убиството на архиѓаконот Стефан, започнал голем прогон на Црквата во Ерусалим, и сите, освен апостолите, се распрснале по пределите на Јудеја и Самарија (Дела. 8, 1). Сите христијани избегале од Ерусалим. Останале само апостолите. Каде се разбегале? На разни страни, едни во Јудеја, други во Самарија, трети во Галилеја, а четврти ја напуштиле Палестина. Стасале до Финикија, некои до островот Кипар, а некои во Антиохија, столицата на Сирија.

Така овие изгонети Христови ученици постанале и проповедници на Словото Божјо. Посебно имале успех оние кои отпатувале во Антиохија, во Сирија. Кога апостолите слушнале за големиот успех на Христовите ученици во Антиохија, го испратиле Варнава да ги поткрепи во новата вера. Овој апостол имал голем дар да утешува и затоа го добил името Варнава, а инаку е еден од седумдесетте апостоли. Кога Варнава дошол во Антиохија, тој видел Божја благодат, чуда и добродетели во тие кои што веруваат. Тоа многу го израдувало. Ап. Варнава го повикал на помош и ап. Павле од Тарс, бидејќи имало голема работа. Цела година работеле заедно во организирање на Антиохиската Црква. Тука Христовите следбеници најпрво се нарекле христијани, термин што се употребува до ден денес.

Во тоа време, кога Варнава и Павле ја организираат црквата во Антиохија, дошле од Ерусалим пророци, мажи исполнети со дар да претскажуваат иднина. Еден од тие пророци по име Агав, станал пред собранието на христијаните и по откровението на Светиот Дух претскажал дека по цела вселена ќе биде голем глад, а што се случило во времето кога со империјата управувал кесарот Клавдиј. Ова претскажување било неопходно за да се обессили обвинувањето на јазичниците против христијаните, односно дека поради вина на христијаните нивните богови испратиле страдање и непријатности.

Така, ние од денешниот апостол научивме како е основана првата Црква во Антиохија. Таа од самиот почеток донела добар плод на искрена христијанска љубов, бидејќи раката Господова била врз нив. Тие биле заштитени од гонењето на Јудејците и биле запазени од сите угнетувања, па постанале проповедници на Вистината, во Антиохија, но и на многу други места. Замислата на јудејските првосвештеници за истребување на христијаните не се остварило. Напротив, подигнатото гонење послужило за ширење на христијанството помеѓу незнабожечките страни. Ете така Бог го претвора злото во добро.

И ние да примиме поука, да немаме страв кога ќе нѐ снајдат некои страдања и беди заради верата. Да паметиме дека раката Господова секогаш е врз сите, а особено врз оние кои горат од желба да одат по патот Господов и сакаат да го распространуваат словото Божјо. Он никого не оставил, па и нас нема да нѐ остави и нема да ја оттргне Својата десница од нас ако ја проповедаме правдата за живот вечен. По молитвите на св. Талалеј, чиј спомен денес го празнуваме, така нека биде. Амин.

Недела на Самарјанката и св. Талалеј

                               02.06.2024 год.

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Јули 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
29 30 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 31 1 2