„Богоносни отци, работници на лозјето Христово, сејачи на благочестието, ревносно го побаравте словенскиот народ и го најдовте како загубената драхма, којашто ја прими Човекољубецот Исус и Спасител на душите наши, радувајќи се заедно со ангелите“ (хвалитна стихира на Утрена на св. Кирил и Методиј).
На 24.05.2025 година, денот кога го прославуваме споменот на светите браќа Кирил и Методиј, Сесловенските просветители, во ман. „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Блаженство Митрополитот Скопски и Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима и Администратор Дебарско-кичевски г.г. Стефан, во сослужение на архимандритот Сергеј од Српската православна црква, протоереј-ставрофорите Никола Христоски, Ристе Ристевски и Кирил Јованоски, игуменот Агатон, еромонахот Никодим, свештеникот Васил Михајлоски и протоѓаконите Александар Димитријов и Драган Иванов. По завршувањето на Литургијата, Архиепископот Стефан се обрати кон верниот народ со пригодна беседа. Архиепископот Стефан, заедно со свештенството од нашата Епархија, присуствуваше и на свечената академија по повод денот на Сесловенските и Македонски просветители, организиран од Владата на РСМ, а академијата се одржуваше во катедралниот храм „Св. Софија“ во Охрид. На академијата со пригоден говор се обрати Архиепископот Стефан, како и Претседателот на Владата на РСМ, проф. д-р Христијан Мицковски, а присутните ги поздрави и Ректорот на УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова.