СООПШТЕНИЕ
ОСНОВАЧКО СОБРАНИЕ НА МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЕПАРХИЈА ЗА АВСТРАЛИЈА
buy footwear | Buy online Sneaker for MenНа 16ти Јануари 2015, во Мелбурн, Австралија, се одржа основачко собрание на Македонска православна епархија за Австралија (МПЕА), предводена од Митрополитот г. Тимотеј. На Собранието учествуваа делегати на 13 Македонски православни храмови во Австралија, кои во Декември 2012 Светиот Архиерејски Синод на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија ги прими под своја директна надлежност.
Собранието помина во позитивен дух и направи историски чекори за конечно регистрирање на Македонска православна епархија како правно лице во Австралија, во согласност со Член 172 од Уставот на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија. И покрај крајно сложената состојба произлезена од 16-годишните спорови околу управувањето со Македонските православни храмови во Австралија, сите различни мислења беа надминати со тежок, но конструктивен дијалог. Меѓусебното разбирање и добрата волја на Митрополитот и делегатите произведоа едногласност по сите клучни одлуки, насочена кон општото добро на МПЦ, Македонскиот православен народ и Македонската заедница во Австралија.
На Собранието е усвоен Епархиски статут, кој треба да го одобри Светиот Архиерејски Синод и Архиепископскиот Управен Одбор на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија, со седиште во Република Македонија. Донесена е и Одлука да се започне процедура за регистрирање на Епархијата како правно лице во Австралија, во согласност со Уставот на МПЦ-ОА и Австралиските закони за регистрирање на непрофитни, вклучувајќи и верски организации.
Избран и привремен Епархиски Управен Одбор, кој го сочинуваат:
1. Претседател – Митрополит Тимотеј
2. Потпретседател – Љупчо Стефановски
3. в.д. Архиерејски Заменик – Протоереј Станко Јовановски
4. Член – Протоереј-Ставрофор Ефтим Бетински
5. Член – Протоереј-Ставрофор Ѓоргија Лапоски
6. Член – г-дин Митко Николовски
7. Член – г-дин Јовица Ѓоргоски
8. Член – г-дин Зоран Јанев
9. Благајник – г-дин Јоте Ќандовски
10. Секретар – г-дин Крис Ангелков
11. Правен Секретар – г-дин Игор А. Александров
На собранието учествуваа делегати на следните храмови: 1. Св. Ѓорги и Пресвета Богородица, Мелбурн; 2. Манастир Св. Климент, Мелбурн; 3. Успение на Пресвета Богородица, Мелбурн; 4. Св. Јован Крстител, Џилонг; 5. Св. Кирил и Методиј, Сиднеј; 6. Св. Никола, Сиднеј; 7. Св. Димитрија Солунски, Bолонгонг; 8. Св. Богородица, Нјукастел; 9. Св. Илија, Квинбијен; 10. Св. Климент Охридски, Канбера; 11. Св. Никола, Перт; 12. Св. Наум Охридски, Аделајд; 13. Раѓање на Пресвета Богородица, Бризбен.
Митрополит ТИМОТЕЈ