На 17.01.2015 година, на празникот на Собор на 70 апостоли и преподобен Теоктист, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор на МПЦО во Австралија, изврши осветување на храмот „Успение на Пресвета Богородица" во Сиденхам, Мелбурн, Австралија. Претседател на МПЦО „Успение на Пресвета Богородица" е г-дин Владо Трпчески, а парохиски свештеник е протоереј-ставрофор Ефтим Бетински. Храмот се изгради со донациите на македонските православни верници од Мелбурн. Откако беше осветен храмот, според Црковниот устав, Митрополитот Тимотеј чиноначалствуваше на светата архиерејска Литургија, во сослужение на повеќе свештенослужители. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати со пригодна беседа кон присутните верници, која интегрално ви ја пренесуваме.

jordan release date | nike fashion

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот, Синот и Св. Дух. Амин!
Драги браќа и сестри!

Денеска се собравме во овој прекрасен храм, посветен, и денеска осветен, во чест на мајката Божја, света Богородица. Овој настан ми дава за повод да кажам неколку зборови воопшто за храмот. Во сите религии имало свештени места каде што луѓето му оддавал почит на својот бог. Му принесувале поклонување и ја изразувале својата почит преку разни култови.

Но, посебно место ќе заземе храмот кај Израелскиот народ, опишан во Стариот Завет. Таму,најпрво, средбата со Бога ќе биде во шатор, бидејќи Израелскиот народ, долги години лутал по пустината. Најпосле ќе биде издигнат Ерусалимскиот храм, подигнат од страна на царот Соломон. Ерусалимскиот храм го јавува присуството на Бога помеѓу луѓето. Но, сето тоа има само времен карактер. Карактер кој ќе се измени во Новиот Завет, и ќе добие поинакво значење, постанувајќи Тело Христово.

Господ Исус Христос, уште додека живеел на земјата, како и пророците и старозаветните цареви, длабоко го почитувал храмот. Св. Дева Марија Го носи во храмот. Он тука доаѓа на торжество, како и на место во кое ќе се сретне со Својот Отец (Лука 2, 22 – 50). Он го одобрува богослужението, но, го осудува формализмот, покажувајќи го вистинското значење на храмот. За Господ Исус Христос храмот е Дом Божји, дом за молитва и дом на Неговиот Отец. Он негодува кога гледа дека Домот Божји се претвора во пазар и ги изгонува продавачите за истиот да го очисти (Мат. 21, 12 – 17).

За време на крсните маки, се случува промена и престанок на значението на старозаветниот храм. Имено, кога Господ Исус Христос ќе биде издигнат на крст на Голгота, ќе настапи земјотрес и црковната завеса ќе се раскине на два дела. Тоа, пак, значи дека Ерусалимскиот храм, го губи својот свештен карактер. Јудејскиот храм престанал да го исполнува своето значење, односно, да биде знак на Божјото присуство.

Новозаветниот храм, сега, го означува телото на Господа Исуса Христа. Во евангелието, Христос зборува дека за три дена ќе го разруши храмот, и за три дена повторно ќе го изгради. Тука многу јасно ни зборува за Неговото воскресение по три дни. После Христовото воскресение, тој е симбол за Божјото присуство во овој свет. Храмот се преобразил, така што, може да биде секаде и во сите времиња преку светата Евхаристија.

По светата Педесетница, односно после слегувањето на Светиот Дух на апостолите, апостолите продолжиле да одат во Ерусалимскиот храм. Тоа ќе потрае сè до неговото разрушување во 70-та година. Но, и додека го посетувале овој храм, тие имале чувство дека се посебен, нов храм. Храм духовен кој е продолжување на Телото Христово. А св. ап. Павле, пак, многу јасно учи: „Црквата е храм Божји, кој се подигнува на Христова основа и е аголен камен" (1. Кор 3, 10 – 17). Секој христијанин се пројавува како храм Божји, доколку е член на Телото Христово. А телото негово е храм на Св. Дух (1 Кор. 6, 15 – 19). Овие утврдувања взаемно се поврзани. Во телото на Воскреснатиот Исус, престојува целокупната полнота на Божественото Тело. Христијаните, постанувајќи членови на Црквата, постануваат дел од тоа Тело.

Нашиот народ, како во татковината така и во дијаспората, секогаш ја негувал нашата света Православна вера. Таа своја љубов и таа своја приврзаност кон верата и традициите, ја изразувал низ долгата и мачна историја. Најчесто преку подигнувањето на безброј цркви и манастири, од дамнина па сè до денес. Црквите отсекогаш ја играле главната и неизменлива улога во зачувувањето, како на верата, така и на обичаите, традициите, а не помалку и на националниот македонски бит. За време на петвековното турско ропство, црквите и манастирите го бодреле нашиот народ, да ги надвладеат сите искушенија и маки, да не се одроди, да не се откаже од верата, јазикот и писмото, туку да биде тоа што бил од прадедо па сè до денес. Оваа улога и денеска ја играат и ја имаат нашите цркви во дијаспората. Па и овој свет храм, посветен на св. мајка Божја Богородица, во Мелбурн, во демократска Австралија, ја потврдува токму оваа вистина за вашата приврзаност кон овие вековни вредности на нашиот македонски народ.

Овој свет храм, којшто е Дом Божји, дом за молитва, дом за крштевање, венчавање и други црковни и верски потреби, исто така е и дом на македонскиот народ. Дом каде што се негува и песна, оро, писмо и сè она што не прави посебни од останатите национални заедници.

Ја користам оваа прилика, на иницијаторите и на управата на црквата „Св. Богородица" во Мелбурн, да им искажам искрена благодарност, што се зафатиле и се потрудиле да изградат вака величествен и прекрасен Дом Божји, посветен на мајката Божја. Исто така, искажувам благодарност и на сите православни Македонци, кои се вложија во помагањето, во градењето и во финансиското поткрепување, за денес да можеме да се собереме и свечено да го осветиме овој Дом Божји. Кај нашиот народ се вели: рака која на Бога заем дава, Бог никогаш празна не ја остава. Па Семилостивиот Господ, по молитвите на св. Богородица, на сите што се вградија во овој Дом Божји, стоструко да им врати, пред сè, со здравје, мир, љубов, напредок во нивните семејства, во нивните работни задачи и на сите полиња каде што работат и делуваат. На крај, искажувам благодарност на сите вас, браќа и сестри, што дојдовте и ја збогативте оваа свеченост со вашето присуство. Благословението Господово да дојде на вас со Неговата благодат и човекољубие, постојано сега и секогаш и во вечни векови. Амин.

Нека е честит денот и од Бога благословен!

Осветување на храм на св. Богородица
17 . 01. 2015 год.
Мелбурн, Австралија

680 1

20150117 113759

120150121 104111

File0310

IMG 3137

IMG 3157

IMG 3161

IMG 3171

IMG 3190

IMG 3192

 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Јули 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
29 30 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 31 1 2