На 20.01.2015 година, на празникот Собор на светиот славен пророк, Претеча и Крстител Јован, во храмот „Св. Јован Крстител, во Џилонг, Австралија, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор на МПЦО во Австралија г. Тимотеј, во сослужение на повеќе свештенослужители од Австралија и во придружба на протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата беше прекршен празничниот леб, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот македонски народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

latest Nike release | Buy Yeezy Slides 'Core' - Kanye West x Adidas — Ietp

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот, Синот и Св. Дух. Амин!
Драги браќа и сестри!

Денеска го прославуваме соборот на светиот Јован, Крстител и Претеча Господов. Од Светото писмо знаеме дека бил роден од стари родители, од првосвештеникот Захариј и Елисавета. Овие праведни луѓе, долго време се молеле на Бога да им даде пород, но, Бог имал поинаков план. Кога почнале да губат надеж дека ќе имаат пород, Бог преку ангел Господов, на првосвештеникот Захариј му јавува дека неговата жена ќе има син и ќе го наречат Јован. Овој праведник се посомневал во зборовите на архангелот. Се посомневал дека тоа не е можно и затоа бил казнет, односно онемел. Дури откако ќе му се роди син, и откако ќе го напише неговото име на даска името му е Јован, Бог ќе му го одврзе јазикот, за да може да Го слави и прославува Бога.

Уште како мало дете, Јован останал без своите прастари родители. Се повлекол во Јорданската пустина и таму растел, развивајќи се и исполнувајќи ја волјата Божја. Но, милоста и благодатта Божја секогаш биле врз него. Па така, тој можел, од мали нозе да се развива и да крепне со духот. Да се челичи и да напредува за одредената му мисија според Божјиот домострој. Тој се хранел со див мед и скакулци, а облека му биле камилските влакна. Ја поднесувал пустинската жега и другите временски непогоди. Сето тоа можел да го издржи, бидејќи се подготвувал да биде претходник на Спасителот Господ Исус Христос. Имал задача да ги подготви луѓето, достоинствено да го пречекаат Спасителот на светот.

Кога ќе наполни 30 годишна возраст, ќе излезе на јавна проповед. Првите зборови, кои ќе ги упати кон Израелскиот народ ќе бидат покајте се! Св. Јован ќе започне масовно да крштева во реката Јордан. Ќе крштева со поука и со прекор кон грешниот човечки род. Од тој род кој ќе бара сериозна подготовка и искрено покајание со јасно укажување, дека тој крштева со вода, но, ќе дојде по него Оној Кој ќе крштева со Дух Свети. Тој ќе биде немилосрден изобличувач на сите гревови, престапи, лицемерија и на сите погрешни патишта кои го оддалечуваат човекот од Бога, од правдата, од законот и прописите Божји.

Во огромната маса на луѓе, кои се движеле кон реката Јордан, незабележителен со обични човечки очи, одел и Господ Христос. Он со ништо не се разликувал од останатите луѓе. Но, св. Јован, продуховен со Божјата благодат, уште од далеку Го препознава и Му вели на насобраниот народ: „Еве Го Јагнето Божјо, Кое ги зема гревовите на светот" (Јован 1, 29).

Заради неговата праведност, чесност и исполнителност на Божјиот закон, Јован ќе биде удостоен од Бога, да биде крстител на Господа Христа во водите на Јордан. Тогаш и Бог, највидливо ќе се појави и манифестира во историјата на човештвото. Се манифестира во Три Лица. Бог Отец Кој сведочи од небото, Бог Син Кој се крштева во водата и Бог Дух Свети Кој слегува во вид на гулаб врз главата на Христа.

Светата Црква, во принцип, на сите Божји угодници, им посветува еден празник. Тоа е нивното преселување од овој видлив, преоден живот во вечноста, односно во другиот, духовниот свет. Само св. Јован Крстител и Претеча Господов има повеќе празници во годината. Тоа се неговото раѓање, неговата маченичка смрт, како и денешниот празник кој се нарекува собор на св. Јован. Овие три празници се главни, кои се посветени на св. Јован. Но, исто така има уште три помали празници, зачнувањето и наоѓањата на неговата глава.

Неслучајно светата Црква му дала такво значење на овој Божји пророк и крстител на Господа Христа. Тој е главната алка во поврзувањето на двата Завети. Последен пророк од Стариот Завет и прв проповедник на Христа во Новиот. Затоа светата Црква, постојано, секој вторник му го посветува на овој Божји праведник. Нема иконостас во Православната црква, каде што не се наоѓа неговата икона веднаш до иконата на Господа Христа. Неговото име е присутно во сите народи, посветувајќи му голем број на цркви и манастири.

Овој праведник ја започнува својата проповед со повик на покајание. Како што св. Јован го повикува Израелскиот народ, исто така, и Господ Бог го повикува секој човек на покајание. Бог, Кој е милосрден и „Кој сака сите луѓе да се спасат и да ја познаат вистината" (1 Тим. 2, 4). Тој ги повикува сите луѓе, а исто така, и сите грешници кон покајание. И сите коишто ќе се покаат, да се спасат. А Бог како милостив, зарем нема да му го прости секој грев на оној што се кае? Неговите зборови не се празни, или суетни, туку се вистинити. Она што Он го ветува, тоа неизбежно го исполнува.

Затоа Бог ги повикува сите на покајание, од мал до голем. Та сите да можат да се здобијат со Неговата милост. И врз оној што има големи престапи и гревови, но искрено се кае, Бог и врз него ја излева Својата милост и многуте Свои добрини. „Зашто милоста е во Господа и Он ќе го избави Израилот од сите негови беззаконија" (Пс. 129, 7 – 8).

За тоа имаме многу примери. Да го земеме Манасија. Тој беше голем грешник. Апостол Петар три пати се откажа од Христа. И Давид тешко погреши преку своето прељубодејствие и убиство. Но, сите тие искрено се покајаа и примија милост од Господа. Исто така, и христијанската историја е полна со примери, како мнозина блудници, разбојници и големи грешници, по нивното покајание примиле милост од Господа. Како што ги поддржувале своите престапи, исто така, да го подржуваат своето искреното покајание, па тогаш ќе најдат милост и опростување на гревовите.

И ние денеска, кога го прославуваме овој Божји праведник, да се угледаме на многуте примери. Да се угледаме и на луѓето грешници кои навистина грешеле, но и искрено се покајале. Па така покаени да измолиме милост од Господа Бога, да ни се простат нашите престапи и прегрешенија и да здобиеме благодат Божја и да ги спасиме нашите души. Амин!

Собор на св. Јован Крстител
20. 01. 2015 год.
храм „Св. Јован Крстител" – Џилонг, Австралија

20150120 111905

20150120 111908

20150120 150156

20150120 150304

image-26755e191a0ecbad2e00b0bd9c78d43fa0e089b53b90e368efc4c69e795d414c-V

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Јули 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
29 30 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 31 1 2