На 19.02.2015 година, во манастирот „Св. Јован Крстител“ – Бигорски, со свечена празнична Вечерна богослужба започна торжеството по повод празникот на преподобниот Партениј епископ Лампсакиски, како и во чест на именденот на духовниот водител и игумен на Бигорската обител, архимандритот Партениј. На Вечерната богослужба чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Партениј, протоерејот Веле Спиркоски, еромонасите Доситеј, Макариј и Еразмо, свештениците Никола Христоски, Дејан Секулоски, Владо Недески, Васко Голабоски и Бобан Митевски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконите Сашо Целески, Ѓорѓи Делев и Миле Ангелоски. По завршувањето на Вечерната богослужба, најпрво се обрати Митрополитот Тимотеј, кој им го честита празникот на сите присутни, а посебно му го честита именденот на архимандритот Партениј со желби уште многу години правилно да го води поверената му паства, а со застапништвото на преподобниот Партениј. Збор зеде и заменикот на игуменот на манастирот, еромонахот Доситеј, кој во името на монаштвото му го честита именденот на нивниот духовен водач и му подари прекрасен игуменски крст. Откако доби честитки и желби за добро здравје и од страна на верниците, архимандритот Партениј се заблагодари на Митрополитот Тимотеј, како и на сите негови духовни чеда, со порака дека сите дела и успеси во манастирот се постигнати со заеднички подвизи и напори.
Nike Sneakers | Nike Air Force 1 Low White Grey Gold - CZ0270-106
Празнувањето продолжи утредента со света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на архимандритот Партениј, еромонасите Доситеј, Макариј и Еразмо, свештениците Никола Христоски и Александар Денков, ероѓаконот Порфириј и ѓаконот Миле Ангелоски, кој по Божјата волја и благоволението на нашиот Митрополит, беше ракоположен во свештенички чин. По завршувањето на Литургијата, беше осветено коливото, а Митрополитот Тимотеј се обрати со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме. На крај, од името на нашиот Митрополит, како и од името на верниците од нашата Епархија, му го честитаме именденот на архимандритот Партениј, а на ново ракоположениот свештеник Миле Ангелоски му го честитаме свештеничкиот чин, со желби и молитви Господ секогаш да ги чува по трнливиот пат на спасението, а за доброто на нашата света Македонска православна црква, како и за нивно спасение. Амин!
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Св. Дух. Амин!
Драги браќа и сестри!
Нашиот Семилостив Господ создал сè прекрасно, како во видливиот така и во невидливиот свет. Ако погледнеме кон небото, ќе видиме колку тоа е прекрасно. Ќе видиме колку е високо и широко, украсено со најразлични ѕвезди. Ќе ги видиме сонцето и месечината, небесните светила кои го осветлуваат сето пространство под небото. Ги гледаме облаците по воздухот, од кои тече вода, која ги напојува нашите ниви. Сето тоа е восхитувачко. Доколку погледнеме, пак, на земјата, таа е исполнета со дрва, разни треви, животни и ѕверови, и со многу други украси. Сето она што го гледаме и сето она што го прима нашиот ум, нè води кон невидливите нешта, односно нè води кон Создателот. Тука, нè доведува до восхитување за Божјата семожност. Како Он, од ништо, со еден збор, создал сè. Потоа се восхитуваме на Неговата премудрост. Колку премудро е создадено сè. Како трето, нè води кон спознавање на Неговата добрина, бидејќи сето тоа е создадено за нас. Размислувајќи за претходно кажаното, не ни останува ништо друго освен да искажеме една восхитувачка благодарност кон Бога и заедно со пророкот цар Давид, да извикаме: „Колку се многубројни делата Твои, Господи! Сè си направил премудро“ (Псал. 103, 24).
Стравот Господов, пак, е почеток на мудроста. Тој, ја очистува душата од гревовната скверност, и подготвува во неа место за духовна мудрост. Како што почеток на телесното здравје е негување, чистење и гледање на телото, така почеток на душевното здравје, е ослободувањето на душата, преку страв Божји, од лошите помисли и похоти. Ослободена од нив, душата не е во можност да прави било какви пакости. Како што преку горчливото лекарство се лекува болното тело, така душата се очистува преку стравот Божји. А душата, пак, се приближува кон вистинското богомудрие, односно, кон христијанската љубов. По тој пат, духовната мудрост, не само што бара да се отфрли злото, и истото го отфрла, туку, ја инспирира душата да прави добро. Како што се вели во Св. писмо: „Нека се клони од зло и нека прави добро“ (Псал. 33, 14). Како што се оддалечуваме од злото преку страв Божји, така преку Божјата љубов, се доближуваме кон доброто. Како што преку стравот Божји поставуваме почеток на премудроста, така преку љубовта, пак, доколку тоа е можно во овој век, се стремиме кон совршенство.
Христос ни даде пример за свет живот. Он, како Син Божји, прими човечки лик и праведно и непорочно поживеа меѓу нас луѓето. „Тој не направи грев, ниту, пак, во устата Негова се најде измама“ (1. Петр. 2, 22). Со Својот живот, Он ни даде пример за поддржување. Да можеме со вера да гледаме во Него и да ги отфрлиме сите сквернотии кои се прилепиле на нашите души. Бидејќи Он вели: „Затоа ви дадов пример да правите и вие така, како што ви направив Јас“ (Јован 13, 15). Господ Исус Христос ја пројави љубовта, смирението, кротоста и други својства на Своето срце. Ги пројави за да можеме и ние да постапуваме како Него, за да го правиме она што го гледаме во Него или како што вели Он: „Поучете се од Мене“ (Мат. 11, 29). Затоа и светите апостоли, ни го даваат Христовото житие, за истото да го поддржуваме. Св. ап. Павле, пак, вели: „Бидејќи вие треба да ги имате истите мисли, што ги има Исус Христос“ (Фил. 2, 5). Сè што не учеше Христос со зборови, Он го покажа и со своите дела, односно со личниот пример. Со тој личен пример, Он ни заповеда да се учиме на непорочен живот, како од жив образ, одразен во чистото огледало. „Земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете спокојство за душите ваши“ (Мат. 11, 29).
Ние, како христијани, повикани сме да Го поддржуваме и да Го прославуваме нашиот Спасител. Бидејќи Он е повисок од секоја наша пофалба. Него Го фалат сите небесни сили. Угледувајќи се на Христа, ќе најдеме духовни сили, а и со Божја благодат, да ги отфрлиме сите лоши навики, мисли, склоности кон престапи, гревови, страсти и слично. Па така, ќе можеме подостоинствено да бидеме Негови следбеници, сочувувајќи се од секакви престапи и оддалечувања од Него. Огледувајќи се на Христа, а гледајќи на Неговиот образ како на чисто огледало, Он ќе ни послужи постојано да се угледуваме на Него. А бидејќи Он е свет, Непорочен, Кроток, Милостив, и нас ќе не поттикне кон овие добродетели. Па ќе можеме полесно да ги отфрлиме сите слабости и склоности, коишто нè придружуваат во овој свет.
Како врвен пример, светата Црква ни го дава Господ Исус Христос, Богочовекот. Но, можеби некој ќе каже, дека ние не сме во таква позиција и можност како Господ Христос, бидејќи сме луѓе родени во грев и живееме во свет исполнет со многу зла. Па затоа светата Црква, постојано ни изнесува Божји угодници. Луѓе кои биле исти како нас, со сите предиспозиции за можност за грешење, но исто така за огледување во Христа и живеење според волјата Божја. Имајќи го стравот како почеток на мудроста Божја и угледувањето на Христа, и денешниот св. преподобен Партениј епископ Лампсакијски, нè поучува и ни дава пример, дека сето она што од нас го бара нашата св. Црква, не е невозможно но можно. Како што знаеме од житието на светиот, овој Божји угодник живеел свет и непорочен живот, исполнувајќи ја Божјата волја, а стравот Божји му бил почеток на мудроста. Како исполнувач на волјата Божја, Бог го обдарил, додека бил жив на овој свет, да лекува разни болести, а особено да ги изгонува злите духови. Така во една прилика, истерувајќи еден зол дух, му заповедал на духот да излезе и дека тој ќе му дозволи да влезе во друг човек. Кога духот прашал кој е тој човек, св. Партениј рекол тој човек сум јас. Тогаш злиот дух побегнал, бидејќи не можел да престојува онаму каде што престојува Бог.
И ние денеска, наоѓајќи се во овој свет манастир, прославувајќи го именденот на игуменот на светата обител, да се потрудиме стравот Божји да ни биде патеводител. Да имаме мудрост христијанска, а св. Партениј нека ни послужи како пример. Преку исполнувањето на волјата Божја и со правењето на добри дела да се удостоиме да бидеме наследници на царството небесно со сите Божји угодници и заедно да векуваме.
Св. Партениј Лампсакијски
20. 02. 2015 год.
манастир „Св. Јован Крстител“ - Бигорски