„Апостоли божествени, за светот најтопли молитвеници, и на православните – заштитници, кои имате смелост и моќ пред Христа нашиот Бог; ве молиме, сечесни, молете се за нас, доброто време на постот светло да го завршиме и благодатта на едносушна Троица да ја примиме. Великопроповедници славни, молете се за душите наши“ (стихира од Вечерна богослужба на Среда од прваа седмица на светиот пост).

На 25.02.2015 година, во првата Среда од Великиот пост, во храмот „Успение на Пресвета Богородица – Каменско“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија на претходноосветените дарови, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереите Димче Ѓорѓиески и Игор Никовски, свештениците Никола Христоски и Димче Азески и ѓаконот Сашо Целески. По завршувањето на Литургијата, кон многубројниот верен народ, со пригодна беседа се обрати Митрополитот Тимотеј, која интегрално подолу ви ја пренесуваме.

jordan release date | Vans Shoes That Change Color in the Sun: UV Era Ink Stacked & More – Fitforhealth News

По завршувањето на Литургијата беше извршен и чинот на групна исповед на свештенството од нашата Епархија, а се одржа и редовното свештеничко собрание, на кое беше разговарано на повеќе теми од животот на нашата Епархија.

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.   Амин!
Драги браќа и сестри!

Се наоѓаме во првата недела од Велигденскиот пост. Период кога светата Црква, со засилени богослужби, нè повикува на покајание, очистување и миење од секакви нечистотии, како  телесните, но уште повеќе од духовните. Во сите богослужби што ги извршувавме овие неколку денови, текстовите што ги читавме или пеевме, нè опоменуваат да ги исфрлиме од нас злото и гревот. Да го засакаме Бога, Неговата правда и Неговите зборови и да живееме онака како што од нас бара нашиот Создател, Промислител и Спасител.

Уште во самиот почеток на создавањето,  нашите прародители биле сместени во рајот. Како круна на созданието, имале голема сила и можност да ги користат сите благодети. Но, поради нивната непослушност биле истерани од рајот и им било наложено со труд, пот и мака да го заработуваат својот леб. Овие наши прародители, биле измамени од нечестивиот. А тој, пак, бил побуден од завист, како тие можеле да ги имаат сите тие привилегии коишто им ги дал Бог. Па затоа, поттикнат од завист, им внушува, дека ако јадат од забранетиот плод, ќе бидат многу посилни, ќе постанат и тие богови. На овие лукави измами, најпрво Ева а потоа и Адам, потклекнале и згрешиле пред Бога, и како плата за нивниот престап, ја заработиле смртта. Ние исто така знаеме дека зависта го побудува Каин да го убие својот брат Авел. Завидувал затоа што молитвите и жртвите коишто ги принесувал Авел, Бог ги примал и за тоа го пофалувал, додека, пак, приносот на Каин не го примал, бидејќи не бил искрен. Браќата од завист го продаваат Јосиф во Египет.

Исто така, имаме безброј примери и во Новиот Завет, каде зависта се истакнува како голем грев. Грев кој нè тера да отстапуваме од Бога, од правдата, односно, од човечката достоинственост. Да се потсетиме само како братот на блудниот син, постариот, негодувал и се разгневил несакајќи да влезе во куќата, затоа што татко му приготвил гозба за неговиот брат. Гозба за оној кој бил изгубен од престапи и прегрешенија, но, кој, пак, кога дошол при себе, се покајал и паднал пред својот татко барајќи прошка и милост. И тоа не да го прима како свој син, туку како еден од своите наемници. Се разбира дека тука, таткото го претставува Бога, Божјата милост и љубов. Тој широко го прегрнува својот изгубен син примајќи го како што е опишано во евангелието со приредување на гозба, со нова облека и со веселба за сите (Лука 15).

Преку овие примери, светата Црква нè подучува и нè опоменува, нас, денешните, современи христијани, дека и ние не сме ослободени од завист. Од овој смртен грев кој ни попречува вистински да се подготвиме, да го следиме патот на Христа. Патот на нашата света Црква, патот на Божјите угодници, та да можеме да спечалиме и да се наречеме, не само по име христијани, туку да се украсиме и со дела. Св. ап. Јаков вели: „Зашто, како што е телото без дух мртво, така и верата без дела е мртва“ (Јак. 2, 26). Не е доволно, ние како христијани, да постиме, дури и тримир да држиме, телесно, а да бидеме во душа исполнети со завист, со омраза и со пакост кон нашите блиски или познаници. Доколку има некој од нас таков, нека знае дека нема да има полза од нејадење и непиење и од измачувањето на своето тело, ако не се ослободи од оваа проклета духовна пустош, односно од зависта. Овој порок својствен му е само на човекот. Се вели дека демонот, кој е исполнет со злоба и со пакост, не им завидува на сличните демони како него, туку им завидува на луѓето и им прави пакост. Додека, пак, ние луѓето, завидуваме еден на друг, брат на брат, сестра на сестра, синови и ќерки на родители, на блиски и познати, што е многу жалосно и погубно.

Наоѓајќи се во овие денови, кои се подготвени и определени од светата Црква за наше покајание и преиспитување, да се поучиме и да се обидеме ова зло – зависта да го исфрлиме од нашите души. Па да покажеме љубов кон сите луѓе и така очистени и ослободени од оваа злоба и пакост, да можеме лесно да ги испостиме овие Велигденски пости и со мирна совест да можеме да се соединиме со нашиот Спасител во светата причест. А таа да ни биде за духовно и телесно спасение и да постигнеме вечен и блажен живот. Амин!

Прва среда од Великиот пост
25. 02. 2015 год.
Храм „Успение на Пресвета Богородица“ – Каменско, Охрид

prvsredvp2015

prvsredvp2015 2

prvsredvp2015 4

prvsredvp2015 6

prvsredvp2015 8

prvsredvp2015 10

prvsredvp2015 12

prvsredvp2015 14

prvsredvp2015 16

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Јули 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
29 30 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 31 1 2