„Во светот сјаат светлоносно две светила: великиот Тимотеј, еден од Христовите апостоли, и маченикот Анастасиј, еден од сличните нему, коишто ние ги славиме заедно“ (светилен на Утрена на св. ап. Тимотеј и преп. мч. Анастасиј Персиски).
Се исполни кажувањето Давидово бидејќи нашиот блажен и секогаш спомнуван Тимотеј се јави како молња озарувајќи ги со својата проповед краиштата на вселената. Затоа и ние достојно го славиме и прославуваме споменот на блажениот апостол Тимотеј, и непрестајно го величаме. Празнувањето на светиот апостол Тимотеј и на преп. мч. Анастасиј Персиски, како и по повод именеденот на нашиот возљубен духовен водач, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, на 03.02.2023 година, во вечерните часови, во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, беше отслужена Празнична вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Димче Ѓорѓиески, еромонахот Никодим и ѓаконот Марко Спасовски. На 04.02.2023 година, во истиот манастир, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофорите Никола Христоски и Димче Ѓорѓиески, еромонахот Никодим, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, беше прекршен празничниот колач, а со благослов на Митрополитот Тимотеј, еромонахот Никодим се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост.