„Словото Божјо сега слезе на земјата: ангелот застана пред Дева, викајќи; Радувај се, благословена, која единствена го запази печатот на девството, кога во утробата Го прими предвечното Слово и Господа, за да го спаси, како Бог, родот човечки“ (седален на Утрена на празникот Благовештение на Пресвета Богородица).
На 07.04.2024 година, во Третата недела од Великиот пост - Крстопоклона недела, и на празникот Благовештение на Пресвета Богородица, во катедралниот храм „Св. Софија“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на Нивните Високопреосвештенства Митрополитот на Имврос и Тенедос г. Кирил од Вселенската Патријаршија и Митрополитот на Додимотихо, Ористијада и Суфли г. Дамаскин од Грчката православна црква, Неговото Преосвештенство Епископот Делчевско-каменички г. Марко, архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски, Сашо Богданоски и Блажо Кожараски, протоерејот Горан Ставрески, свештениците Милан Ничевски и Ѓорѓи Блажевски, еромонахот Никодим, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски, ероѓаконот Хризостом од Света Гора и ѓаконот Марко Спасовски. Пред започнувањето на Литургијата, беше изнесен светиот Крст на поклонение, а по завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме. Митрополитот Тимотеј ја искористи оваа прилика и да им се заблагодари на гостите, најпрво на Митрополитот Кирил, кој повеќепати сослужува со нас и е чест гостин и голем пријател на нашата црква, а топло добредојде му посака и на Митрополитот Дамаскин, кој одвои од своето драгоцено време и со голема љубов дојде да сослужува на овој голем Богородичен празник. Митрополитот Кирил возврати на поздравот на нашиот Владика, и на самиот крај, му подари прекрасна икона од Пресветата Троица и прекрасен Крст. На многаја лета!