„Како пролет ни засветли - светлото Господово и божествено воскресение, од земната кон небесната Пасха преведувајќи не. Со неа, пак, ни сјае светлозарниот спомен на сеславниот Маченик Георгија, што светло го извршуваме, за да се удостоиме за божествената благодат од Спасителот Христа“ (светилен на Утрена на св. вмч. Георгиј Победоносец).
Радоста на Воскресението Христово е присутна низ сиот наш живот, зашто тоа е и единствената надеж за нашата победа над смртта и владетелот на смртта. Но, таа радост особено се чувствува во овие Воскресенски денови, кои ги исполнуваат нашите срца и души со неописливо чувство и свесност за жртвата Христова, за Неговата љубов кон нас бедните и за местото што Господ го подготвил за оние кои со вера, надеж и љубов Му пристапуваат и Го љубат. Оваа година, на вториот и третиот ден од Воскресението Христово, се совпадна и прославувањето на великиот духовен воин - на светиот Ѓорѓи Победоносецот, еден од најпрославуваните светии меѓу нашиот народ. Откако го прославивме споменот на светиот Ѓорѓиден претходно, на 07.05.2024 година, на третиот ден од Воскресението Христово, свечено одбележавме уште еден настан со долга традиција, настан што на сите нас ни ги исполнува срцата со радост, а тоа е свечената литија - еордија во Струга. Како и секоја година, прославата на овој ден започна во утринските часови, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Струга, со света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски, Илија Танаскоски и Александар Димоски, протоерејот Васко Голабоски, свештеникот Христијан Костоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски.